Пендаровски: Повикот на Река во вистинско време
Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски на денешната прес-конференција го поздрави вчерашниот повик на Блерим Река, кој им порача на своите гласачи повторно да излезат масовно и да ја „поддржат опцијата за европско интегрирање“, и истиот го оцени како вистински во вистинско време.
„Повикот на господинот Река го почитувам и го ценам како повик на вистински демократ и Европеец. Тој знае дека на овие избори се решава и за нашата европска иднина и за нашата целосна интеграција во Европската унија и НАТО. Знае дека со седење дома другата опција, која не е за тие вредности и за тој пат, ќе добие шанса. Мислам дека тоа е вистински повик во вистинско време од човек во кој демократски референци не сум имал сомнеж“, рече Пендаровски.
Додаде дека во вториот круг в недела ќе го има потребниот цензус и дека очекува бројката на излезени гласачи да биде нешто поголема од таа во првиот круг.
Река на своето конто имаше безмалку 80.000 гласачи, но тоа не беше доволно за учество во решевачката трка, каде што на 5 мај ќе се борат Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова.
Досега од таборот на Давкова нема коментар и толкување на вчерашниот повик на Река.
