Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПЕНДАРОВСКИ ПО ПОСЕТАТА НА ГРЦИЈА: Можеби некаде се уште има отпор и „свежи рани“, но развојот на односите е ветувачки

ПЕНДАРОВСКИ ПО ПОСЕТАТА НА ГРЦИЈА: Можеби некаде се уште има отпор и „свежи рани“, но развојот на односите е ветувачки

Во разговор со дописничката на МИА од Атина, на крајот од дводневната, прва, историска официјална посета еден претседател на државава на Грција, кусо пред заминувањето за Скопје, претседателот Стево Пендаровски истакнува дека посетата како таква покажа дека билатералните односи меѓу Северна Македонија и Хеленската Република влегуваат во еден нормален тек, иако е само почеток на еден подолг процес во кој тој лично очекува дека „динамиката на политички односи на највисоко политичко ниво, премиерско, претседателско, министерско, ќе продолжи да се развива, меѓутоа темпото е ветувачко“.

Шефот на државата открива дека Мицотакис за билатералните односи коментирал дека се како „сѐ уште свежи рани“ во одредени сегменти на политичкиот спектар во Грција и вели дека од грчка страна немало никаков приговор за имплементацијата на Договорот од Преспа.

За упатената покана, грчката претседателка да оствари возвратна посета на Северна Македонија, Пендаровски истакнува дека „начелно постои изразена волја и желба од нејзина страна да ја посети нашата држава“ што, според него, би била можност дополнително да се скрши мразот.

Во интервјуто, претседателот говори и за тоа дали постои единство во надворешната политика во Северна Македонија, правејќи споредба со ситуацијата во Грција.

„На двете мои средби, зборувам за овие на највисоко политичко ниво со премиерот и со претседателката, тоа им го порачав од моја страна, реков: би сакал овој тип на посети да стане рутина. Од моментот кога ќе станат рутина значи сосема се нормализирани билатералните односи. Сѐ уште не се, знаете дека не се. Тие, во еден момент, во една прилика на средбата, премиерот Мицотакис ги нарече „сѐ уште свежи рани“ во одредени сегменти на политичкиот спектар во Хеленската Република. Значи тоа постои кај нас, постои отпор, сѐ уште постојат луѓе кои не веруваат во Преспанскиот договор и покрај неговите очигледни придобивки, позитивни ефекти за развојот на државата. Знаете дека во Грција тој отпор беше и поголем особено во оние региони кои гравитираат кон границата со нас.

Така што, ќе треба време и јас мислам дека ќе треба едукација на новите генерации, кои треба да се воспитуваат во духот на европската солидарност и толеранција. Секој од нас има свои специфики кои треба да се почитуваат. Тоа почитување не значи непочитување на твоите специфики итн. Европа е создадена од различни нации, различни религии, различни култури, во тоа е убавината на европскиот проект“, вели Пендаровски во интервјуто. 

Тој натаму вели дека не би сакал да му направи дополнителни проблеми на грчкиот премиер Мицотакис, па да каже дека кај него имало или немало отпор, меѓутоа од практичното негово поведение и на неговата Влада изминативе година - година и половина, сите можеме да согледаме дека отпор на едно видливо политичко ниво или во тој видлив политички спектар или поле, не постои. 

„Значи таков отпор не постои, но факт е, ако ме прашувате за тоа и сакате да одиме во таа насока во однос на некои Договори кои чекаат за ратификација во грчкиот Парламент, јасно е дека отпори во делови од владејачката партија постојат. Но, посетата како таква, покажа дека билатералните односи меѓу Северна Македонија и Хеленската Република влегуваат во еден нормален тек. Се разбира ова треба да биде само почеток на еден подолг процес во кој јас очекувам дека динамиката на политички односи на највисоко политичко ниво, премиерско, претседателско, министерско, ќе продолжи да се развива, меѓутоа темпото е ветувачко. Ова што е, да го наречам, почетокот на тоа највисоко политичко ниво, бидејќи зборуваме, не за посета на некаков економски форум или на тркалезна маса, туку за официјална државна посета, мислам дека ветува и она што го чув на вечерата и од грчката претседателка и во официјалните разговори преку денот покажуваат дека кај неа никакви предрасуди и во однос на Преспанскиот договор. Таа е правник, врвен правник, врвен правен авторитет и судија, долги години, долги децении и многу добро знае дека сериозноста на една држава се цени и низ тоа колку ги почитува обврските преземени од претходниците на таа позиција“, вели Пендаровски. 

Според него, во извештајот кој е на околу дваесетина страници, и прилично детален, може да се види дека ние навистина доследно ги имплементираме сите обврски.

„Зборувам за симболите од Вергина, зборувам за тие работи кои не треба да ги има или старото име на споменици, на основни училишта, по општини, значи сѐ она што е зацртано по Преспа е договорено, немаше практично никакво, на ова ниво барем на кое што јас бев со моите соговорници, немаше никаков приговор во таа смисла или барање зошто тоа не го направите“, рече претседателот на државата.

Слично

Поврзани вести