Пендаровски откри колку ќе плаќа Македонија за котизација во НАТО
Стево Пендаровски, национаниот координатор за НАТО, во разговор за Телма откри дека Македонија по приемот ќе плаќа годишна котизација за членство во Алијансата од еден милион евра.
- По приемот во НАТО, пропорционано со очекуваниот Бруто домашен производ што го има Македонија, ќе плаќаме околу еден милион евра годишно за котизација. Дополнително, ќе плажаме за одржување на наша канцеарија во новото седиште на НАТО како и платите на војниците кои ќе учествуваат под знамето на Алијансата - рече Пендаровски.
Националниот координатор рече дека Македонија, како и секоја земја морала да понуди специјализиран армиски род кој ќе создаде предност во сојузните сили.
- Некои земји нудат планински единици како најдобри, некои деминери, а ние по анализата што ја направивме ја понудивме нашата пешадија - изјави тој во разговорот за Телма.
Додаде дека Македонија нема обврска да направи дополнителни уставни измени со приемот во НАТО, кој се очекува на почетокот на 2020, туку ќе треба да имплементира осум законски корпуси.
