Пендаровски од Иванов го наследил возилото кое Чулев го бара
Автомобилот кој го користел претседателот Стево Пендаровски, а министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, побара да се врати во МВР, бил во претседателскиот кабинет уште кога Ѓорге Иванов ја извршуваше функцијата, дознава и пренесува порталот „А1он“.
Како што се наведува, откако Пендаровски дошол на функцијата, тој не побарал ново или дополнително возило, ниту пак, Министерството за внатрешни работи му доделило на користење нов автомобил.
Ако се точни тврдењата на министерот Наќе Чулев и ВМРО-ДПМНЕ, дека службените возила на МВР се користеле за приватни потреби, тогаш злоупотреба правел и експретседателот Ѓорге Иванов, што значи дека автомобилот, и за време на неговиот мандат се користел за приватни потребни. Засега, Чулев во јавноста, освен тврдењата, не објави докази дека возилата биле злоупотребени.
Шефот на државата пак по ова прашање кажа и дека не го знае мотивот поради кој Чулев бара да се врати возилото.„Информирани сме дека постои интерен допис во рамките на МВР, преку кој се бара враќање на едно возило кое го користи Претседателот. Не знаеме кој е мотивот за ваквиот допис, но напоменуваме дека безбедноста на претседателот е законска обврска на МВР“, соопштија од претседателскиот кабинет.
