Пендаровски: Од ЕУ очекувам неодложно да одредат датум за преговори
Како претседател на Северна Македонија, од Европската унија очекувам лидерство и решителност, очекувам неодложно да го одредат датумот за да ги започнеме преговорите за членство. Тое е добитна комбинација за сите засегнати страни, порача претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на регионалната конференција „Проширувањето на Европската унија на крстопат“ на Подгоричкиот клуб, што се одржува денеска во Скопје.
ЕУ, посочи Пендаровски, треба да остане доследна на високите очекувања што ги создаде кај граѓаните.
– Доколку на Северна Македонија и на Албанија не им се даде датум за преговори за членство, а на Босна и Херцеговина позитивно мислење за поднесеното барање за членство, наместо суштински напредок во регионот ќе има разочарување. Во однос на најтешките прашања ние го направивме нашиот дел, сега останува на Европскиот совет да го направи својот дел. Да им го даде на нашите граѓани заслужениот датум за отпочнување на пристапните преговори. Секое дополнително одложување на преговорите, ќе ја наруши кредибилноста на ЕУ, ќе ги демотивира гражаните, ќе го забави реформскиот процес и негативно ќе влијае на стабилноста на целиот регион, рече претседателот Пендаровски.
Минатата недела, укажа, Северна Македонија го доби најдобриот и најпозитнивниот извештај од ЕК за напредокот и интеграциите.
