Пендаровски не се плаши од атентат, слободно се шета низ Гевгелија
Претседателот Стево Пендаровски на социјалните мрежи објави фотографии како слободно се шета и се поздравува со граѓани низ Гевгелија, каде што денеска претходно посети неколку организации и здруженија.
„Пријатни средби со граѓаните на Гевгелија, кои имав можност да ги сретнам за време на мојата посета на градот“, напиша шефот на државата вечерва на социјалните мрежи.
Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски претходно го поврза Пендаровски во контекст на историски атентат. По барањето, бугарски европратеник да биде прогласен за персона нон грата, тој се препозна себе си и индиректно го потсети претседателот на судбината на кралот Александар Караѓорѓевиќ , кој бил убиен во атентат во Марсеј, од страна на Владо Черноземски.
Џамбаски на социјалните мрежи се пофали дека, на 4 февруари, ќе дојде во Скопје на одбележувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Претседателот Пендаровски предложи да се забрани влез на повеќе лица од Бугарија, меѓу кои и на еден пратеник во Европскиот парламент. Иако не го спомна по име Ангел Џамбаски, во одговор на новинарско прашање не негираше дека се работи токму за бугарскиот европратеник, кој неодамна беше во Скопје на одбележувањето на годишнината од смртта на Мара Бунева и среде Скопје изјавуваше дека Македонија е бугарска.
