Шефот на државата, Стево Пендаровски не може да замисли сами да се блокираме на патот кон Европската Унија (ЕУ).
Тој се надева дека до ноември ќе бидат направени уставните измени, за да се избегне државата сама да се блокира за влезот во ЕУ. Вели дека најлогично е да ја завршиме таа работа и да продолжиме со втората конференција за членство во ЕУ“.
„Како што е познато, минатата година гласавме да ја прифатиме европската рамка и тоа беше еден од предусловите да продолжиме со преговори за членство во ЕУ. Работната група во Министерство за правда, составена од експерти и политички претставници на партиите во парламентот даде предлог за содржината на амандманите, па и за влез на бугарското малцинство во македонскиот Устав. Според најавите, следните две недели би требало таа иницијатива да ги помине процедурите во Владата и потоа да влезе во парламентот. Во овој момент постојат разговори на различни политички нивоа, неодамна имаше и таканаречена лидерска средба меѓу премиерот и лидерот на главната опозициска партија, која сè до овој момент има забелешки, приговори и не е согласна да ја поддржи таа измена на Уставот. Некакви позитивни чекори напред од таа средба има, меѓутоа далеку сме сè уште од заокружување на тој процес“, изјави Пендаровски.Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека уставни измени под бугарски диктат нема да има и тоа го кажале во Брисел.
Владата треба да ги испрати уставните амандмани како овластен предлагач, а собранискиот претседател Талат Џафери изјави дека роковите почнуваат да течат откако предлогот ќе стигне кај него.
Но, бугарскиот претседател Румен Радев претходно изјави дека внесувањето на Бугарите во Уставот е само прелиминарен, а не и последен и конечен услов на Бугарија за да даде зелено светло за членство на Македонија во ЕУ.
фото Фејсбук Стево Пендаровски