Пендаровски: Мицкоски коментира работи кои не ги разбира
Поранешниот претседател Стево Пендаровски преку медиумите му вoзврати на премиерот Христијан Мицкоски, кој денес на брифинг со новинарите го обвини дека тој како шеф на државата носел незаконски и неуставни одлуки за време на ковид-пандемијата.
“Навистина мислев да не му давам на значење на господинот Мицкоски, затоа што ја разбирам неговата потреба катастрофалните "резултати" од своето досегашно владеење да ги покрива со коментари за работи кои не ги разбира, но, заради јавноста ќе морам да објаснам некои работи кои за жал на "експертот за енергетика" претходно не му ги објасниле неговите "големи правници".
Имено, Уставниот суд уште пред повеќе од пет години, со мнозинство гласови, ПОТВРДИ дека одлуките за вонредната состојба се во склад со Уставот и законите.
Второ, уредбите со законска сила ги носеше и ги имплементираше Владата. Дали таму имало злоупотреби, тоа државните институции кои сега се под тотална контрола на Мицкоски можат да го проверат кога сакаат, ако сакаат.
Трето, сите одлуки за прогласување на вонредна состојба беа доставени од моја страна до Собранието и тоа веднаш по завршувањето на таа состојба.
Мене ми е јасно дека и ова образложение нема да го спречи Мицкоски да продолжи неосновано да обвинува и клевети, затоа што тоа е, за жал, единствениот начин на кој е научен да владее.”, се огласи Пендаровски.
Постојат сериозни сомневања оти дел од одлуките донесени од страна на поранешниот претседател Стево Пендаровски за време на ковид-пандемијата биле спротивни на Уставот и законите, посочи премиерот Христијан Мицкоски. Тоа според него, го отвора прашањето за институционална и кривична одговорност. Го повика и Обвинителството да постапува по допрен глас.
Обвинувањата кон Пендаровски од страна на премиерот, беа изнесени во контекст на тврдењето дека поранешниот министер за здравство и актуелен лидер на СДСМ Венко Филипче, со помош на експремиерот Зоран Заев, преку уцена и притисок се обиделе да го преземат сопствеништвото на приватната клиника на кардиохирургот Жан Митрев.
„Ние знаевме какви мафијашки упади се случуваа особено во тој период кога се носеше таа, би рекол, вонредна состојба, кога со уредби со сила на закон се надсинхронизираше законот и Уставот во Македонија. Има многу сведоштва кои говорат за однесувањето на владата во тој период, вие знаете, сè уште тие законски уредби и одлуки на Стево Пендаровски во тој период стојат непоминати во Собранието, треба да ги видиме и Собранието да се произнесе во периодот што следи, што со тоа, дали можеби има и одговорност тука од страна на поранешниот претседател”.
