Пендаровски ќе се сретне со Македонците од Бугарија по првичното одложување на средбата
Претседателот Стево пендаровски утѕре ќе се сретне со претставниците на македонското малцинство од Бугарија по првичното одложување.
Средбата е на барање на ОМО „Илинден Пирин“ од Бугарија, а средбата со претставниците на ова здружение треба да се одржи утре напладне.
Информацијата за средбата ја потврдија за Телма од претседателскиот кабинет.
Пред 10 дена шефот на државата одговори позитивно на барањето на претставниците на ОМО „Илинден Пирин“, но средбата беше одложена. Сигнали кои доаѓаа од неговиот кабинет укажуваа дека периодот е чувствителен поради посетата на бугарската владина делегација во Скопје, но и посетата на македонската во Софија.
Од кабинетот на претседателот инфомираат дека по завршувањето на средбата ќе биде објавено соопштение. Утрешната средба би била прв прием на Македонците од Бугарија во кабинетот на македонскиот претседател.
Пендаровски денеска најави дека во текот на следниот месец ќе оди во официјална посета на Бугарија. Во соопштението од неговиот кабинет е посочено дека тоа го договара со својот бугарски колега Румен Радев, а целта е двајцата да дадат позитивен придонес во надминувањето на спорот меѓу двете земји.„Ќе се обидам многу наскоро да дадам и личен придонес во процесот зашто мислам дека е значајно секоја политичка институција во двете држави да даде контрибуција. За не повеќе од месец, планираме, договараме со мојот колега Радев официјална посета на Бугарија. Мојот став е дека двајцата претседатели мора да дадат позитивен придонес за успешно завршување на овој процес зашто тоа е стратегиски интерес на двете држави. Убеден сум дека Радев го дели моето мислење“, изјави Пендаровски на денешната тркалезна маса „ Пристапувањето на Западниот Балкан кон ЕУ: долга, (не)завршена приказна – Одржливост на македонскиот надворешнополитички курс“.
