ПЕНДАРОВСКИ: Илинден го прославуваме со крупен исчекор кон целосна реализација на стратешките цели
Шефот на државата, Стево Пендаровски, по повод 2 Август – Илинден, Денот на Републиката, упати честитка до граѓаните.
Наведува дека благодарение на хероите, денес живееме во мир и во своја, меѓународно признаена држава.
„Затоа никогаш не смееме да го заборавиме нивниот придонес и инспирирани од нивното дело треба да продолжиме да работиме на благосостојбата и просперитетот на државата, почитувајќи се меѓусебно. Мораме да бидеме доблесни и да ја признаеме нивната жртва, свесни дека ништо ниту почнува, ниту завршува со нас. Годинава Илинден го прославуваме со крупен исчекор кон целосна реализација на стратешките цели, полноправно членство во НАТО и почеток на преговори со ЕУ, што значи гаранција за безбедноста, суверенитетот и економскиот напредок, со што ги остваруваме идеалите и визиите и на илинденците и на асномците. Но, исто така, Илинден годинава го дочекуваме и сред пандемијата со Ковид-19 како огромна закана за здравјето, но и за егзистенцијата и начинот на живот, не само кај нас, туку и во целиот свет. Ова е време кога мораме да се сплотиме и заеднички да излеземе како победници од оваа ситуација. Во оваа борба не ни треба оружје, туку, одговорност, солидарност, дисциплина, трпеливост и слога. Поради сите жртви во минатото и почитта и долгот кон нашите предци, но и поради иднината на нашите деца и на нашата држава, да ги заборавиме сите несогласувања и нетрпеливости и обединети да излеземе како победници“, вели Пендаровски.
Утре е неработен ден за сите граѓани.