Економија, финансии, бизнис

Контакт

Пендаровски: Го поздравувам тоа што го направи вчера Антикорупциска

Пендаровски: Го поздравувам тоа што го направи вчера Антикорупциска

Стево Пендаровски, кандидатот за претседател на Македонија, одговарајќи на новинарско прашање, го поздрави вчерашното отворање на предмети поврзани со непотизам од страна на Комисијата за спречување на корупција.

- Прво, сакам јавно да го поздравам тоа што вчера го направи новата антикорупциска комисија. Станува збор за прв пат во нашата понова политичка историја комисијата да биде избрана на транспарентен начин со луѓе кои се внатре со потребните професионални квалификации, но особено со она што го направи вчера со одлуката за повеќе случаи да покаже дека може да се поведат постапки и против актуелни функционери, не само против бивши или функционери кои повеќе не се на власт.

Во овој дел треба да се прави разлика дали е почната постапка како што вели во формулациите, Комисијата има индиции за судир на интереси или е завршена, меѓутоа независно од тоа, сите функционери јавно ги повикувам да не кажуваат дека не се криви туку да ја следат препораката односно заклучокот на комисијата.

Ако е отворена постапка, без дополнителни јавни коментирања да ја сочекаат конечната одлука на таа комисија, ако станува збор за конечна одлука на таа комисија да ја спроведат без да се правдаат во јавноста - гласи коментарот на кандидатот за претседател поддржан од владеачката коалиција.

Антикорупциска објави 18 предмети од кои три беа за вработувањата на роднини на пратеничката Мира Стојчевска, три за пратеникот од СДСМ Александар Кирацовски и предметот за вработувањето на сестрата на министерот за економија Крешник Бектеши со сериозни сомнежи за непотизам.

- Мислам дека тоа што вчера го направи, да напоменам уште еднаш комисијата за антикорупција, мислам дека е политички без преседан во нашите, колку, 30 години скоро независна држава и дека тоа треба само да се поздрави. Очекувам и во наредниот период и други случаи за кои што имаше информации во јавноста или оние за кои немало информации во јавноста да се процесуираат.

Мислам дека секој одговорен политичар и од власта и од опозицијата и сега и во иднина треба да им даде максимална поддршка на тие луѓе и ќе создаваат нов тип на култура,

бараат културата на неказнивост да отиде засекогаш во историјата, едноставно не учат сите нас дека не е битно во чие време си бил избран, битно е дали си го прекршил законот - додаде Пендаровски.

Тој ги упати сите засегнати функционери да ги следат одлуките на ДКСК без да се правдаат во јавноста.


Слично

Поврзани вести