Пендаровски ги потпиша законите кои му даваат „преголема моќ“ на Заев
Претседателот Стево Пендаровски ги потпиша указите за прогласување на Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница на Законот за Агенција за национална безбедност, за кои опозицијата тврди дека ќе му дадат преголема моќ на влијание на премиерот Зоран Заев во тајните служби.
„Ова се клучни закони за реформа на безбедносните служби, сооопшти денеска кабинетот на претседателот. Со Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, што се носи за прв пат во Република Северна Македонија, се формира Совет за координација кој ќе ги спроведува предлозите на највисокото безбедносно тело – Советот за национална безбедност. Во Советот за координација се претставени сите институции кои имаат надлежности во сферата на одбраната и безбедноста. Со Законот за Агенција за национална безбедност прецизно се регулира собирањето на податоци и информации значајни за безбедноста и одбраната на државата“, се вели во соопштението од кабинетот на Пендаровски.
Преголема акумулација и концентрација на моќ во рацете на премиерот, кој ќе претседава со Советот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, а ќе го предлага и директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), отсутноста на Претседателот на државата и на Собранието и на директорот на Бирото за јавна безбеднсот како членови во Советот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, внатрешната контрола и дилемата за потребата за прислушување во одредени случаи од страна на АНБ, претходно беа главните забелешки изнесени на јавните расправи по предлозите за овие законски решенија.