ПЕНДАРОВСКИ ДЕЦИДЕН: Ниту сум имал средба со семејствата на обвинетите во Монструм, ниту имам сознанија во врска со убиствата
Претседателот на државата Стево Пендаровски е дециден дека ниокогаш немал средба со семејствата на обвинетите во случајот монструм.
Ова се вели во неговата реакција по изјавата на Бедри Ајдари, дадена во емисијата „Клик Плус“ на ТВ 21.
„Претседателот Стево Пендаровски ја разбира болката на семејствата кои ги изгубија своите деца и најблиски во убиството кај Смилковско езеро, како и желбата на семејствата на обвинетите да се открие вистината за целиот тој настан.
Претседателот Пендаровски секогаш се залагал и за овој и за сите други кривично-правни настани вистинските извршители да ја добијат заслужената казна и никој невин да не лежи во затвор, ако за тоа нема докази утврдени во судска постапка.
Меѓутоа, претседателот Пендаровски, во врска со случајот ‚Монструм', никогаш немал средба со семејствата на обвинетите, ниту пак има какви било информации и сознанија во врска со убиствата, добиени од домашни институции или од странски извори, ниту во периодот пред да биде избран за претседател ниту потоа“, се вели во реакцијата од Кабинетот на шефот на државата.
Ова следува откако Бедри Ајдари, роднина на еден на осудените во случајот „Монструм“, вчера вечерта гостуваше во „Клик Плус“ на ТВ21 каде што се дебатираше за овој случај, за кого вчера беа искажани завршните зборови. Заедно со него во дебатата учествуваа и адвокатот Насер Рауфи, универзитетскиот професор Јетон Шасивари, и новинарот од „Клан“, Фуркан Салиу, објави ТВ21.
Ајдари притоа изјави дека наводно претседателот им рекол дека ако се дознаела вистината за „Монструм“, можно е да настанала војна.
„За време на протестите на шарена револуција во 2016 година пред Собранието се сретнавме со Стево Пендаровски, сегашен претседател, тогашен пратеник. Го прашавме што се случува со „бомбите“ за Монструм. Пендаровски ни рече цитирам: ‘на еден состанок присуствуваше еден Американец кој ми рече дека за Монструм ќе се поттикне војна, со тоа што ќе разберат луѓето кои се вистинските убијци и кои се нарачателите и виновниците. Тогаш сите заедно, и Македонци и Албанци ќе отидат пред влада и ќе има крвопролевање, затоа што ќе сакаат Груевски да го фатат за гуша и да го прашаат зошто го нарача овој монструозен чин, кој ќе доведе до војна’. Ова му го кажувам јавно на Пендаровски тука во ова студио, а можам да го кажам и било каде “, рече Ајдари.
