Пендаровски: Дали ќе се враќаме на старата дебата од 1991 за тоа дали ќе одиме на запад или исток?
Со денешното гласање, како што вели претседателот Стево Пендаровски, опозицијата потврди дека концептот на Европската унија во Македонија пропадна и тоа е срамно и погубно бидејќи земјата одамна има утврдено во која насока сака да се движи. Тој во гостувањето за ТВ Сител кажа дека единствениот пат таму е токму преку носењето на уставните измени.
„Што е друга алтернатива на ЕУ? Неврзаните или неутрални да бидеме? Која е алтернативата, ќе прави ли Мицкоски двотретинско мнозинство со истите политички структури и дали ќе се враќаме на старата дебата од 1991 за тоа дали ќе одиме на запад или исток?”, рече Пендаровски.
Тој смета дека тоа што земјата го има на маса е нешто што е најдобро и не може да поверува како опозициската ВМРО-ДПМНЕ се „мајтапи” со францускиот предлог кој дојде од една од најмоќните земји во унијата и го нарекува бугарски диктат. Инаку, денеска имаше седница во Собранието и се говореше за уставните измени. ВМРО-ДПМНЕ е против внесување на Бугарите во Уставот.
