Пекабеско со приходи над 100 милиони евра: раст и нови инвестиции, но и поголема задолженост
Компанијата Пекабеско АД ги објави консолидираните резултати за периодот јануари–декември 2025 година при што бројките откриваат дека и минатата година успеале да остварат позитивен финансиски резултат, при што компанијата задржува стабилен раст на приходите и продолжува со инвестициски активности.
Компанијата која е позната по производство на сувомесни производи, и во текот на минатата година успеала да ги зголеми своите приходи.
Имено, извештајот објавен на Македонска берза открива дека вкупните приходи од работењето достигнале 6,166 милиони денари или околу 100,2 милиони евра, што претставува зголемување од 3 проценти во однос на истиот период минатата година.
Најголем дел од приходите, односно 98,9 проценти, доаѓаат од продажба на готови производи, стоки и услуги, кои бележат раст од 4 проценти. Приходите од извоз изнесуваат 747 милиони денари, односно околу 12,1 милиони евра, но се намалени за 2 проценти на годишно ниво.
Вкупните расходи на компанијата изнесуваат 5,932 милиони денари или околу 96,4 милиони евра, што е зголемување од 3 проценти во споредба со 2024 година, што укажува на задржување на стабилна профитабилност и покрај растот на трошоците.
Во текот на 2025 година, Пекабеско реализирало значајни инвестиции во износ од 270 милиони денари или поточно околу 4,4 милиони евра, насочени кон модернизација на производството, вклучително и изградба на фотоволтаична централа, нова производствена опрема, како и набавка на возила и вложувања во градежни објекти. Компанијата не извршила значителни отписи или продажба на материјални средства во овој период.
Од аспект на задолженоста, долгорочните обврски достигнале 373 милиони денари што е околу 6,1 милион евра, и претставува раст од 57 проценти во однос на минатата година, додека краткорочната задолженост изнесува 0,6 милиони денари, однсоно околу 10 илјади евра и останува на слично ниво.
Пекабеско ја зголемило и вработеноста, при што на крајот на 2025 година има 435 вработени, што е за 17 повеќе во однос на претходната година. Во истиот период, компанијата не исплатила дивиденда.
Во наредниот период, компанијата планира дополнителни инвестиции во автоматизација на производството, како и проширување на присуството на домашниот и странските пазари, со цел да го задржи трендот на раст и да ја зајакне својата пазарна позиција.
П.О.