Пекабеско ја зголеми добивката во текот на минатата година, а го зголеми и бројот на вработени
Компанијата Пекабеско АД во текот на 2025 година оствари позитивен финансиски резултат, покажуваат неревидираните консолидирани финансиски извештаи за периодот јануари – декември. Резултатите објавени на Македонска берза укажуваат на стабилно работење, умерен раст на приходите и продолжување на инвестицискиот циклус на компанијата.
- Вкупните приходи од работењето на Пекабеско АД во периодот јануари – декември 2025 година изнесуваат 6.158 милиони денари, што претставува зголемување од 3 проценти во споредба со истиот период во 2024 година.
Најголемо учество во структурата на приходите, 98,8 проценти, имаат приходите остварени од продажба на готови производи, стоки и услуги. И овие приходи бележат раст од 3 проценти на годишно ниво - се посочува во извештајот.
Приходите од извоз достигнале 814 милиони денари, што претставува намалување од 2 проценти во споредба со истиот период минатата година.
Вкупните расходи во 2025 година изнесуваат 5.930 милиони денари, што исто така претставува зголемување од 3 проценти во споредба со 2024 година. И покрај растот на трошоците, компанијата успеала да го задржи позитивниот финансиски резултат.
Во текот на 2025 година, Пекабеско АД реализирала инвестиции во основни средства во вредност од 267 милиони денари.
- Најголем дел од вложувањата се насочени кон: опрема за производство на електрична енергија, односно фотоволтаична централа, нова производствена опрема, товарни и патнички возила, градежни објекти. Во наредниот период, компанијата планира дополнителни инвестиции во нова автоматизирана опрема во производството, како и зголемување на продажбата и на домашниот и на странските пазари, со цел понатамошен раст и зајакнување на позицијата на пазарот - се укажува во извештајот.
Долгорочната задолженост на компанијата на 31 декември 2025 година изнесува 372 милиони денари, што претставува зголемување од 57 проценти во однос на претходната година.
На крајот на 2025 година, Пекабеско АД има 427 вработени, што е 10 повеќе во однос на бројот на вработени во 2024 година.
