Економија, финансии, бизнис

Контакт

Пехчево и понатаму останува без Територијална противпожарна единица?

Пехчево и понатаму останува без Територијална противпожарна единица?

Жителите на Пехчево сметаат дека оправдување нема и дека што поскоро треба да се формира Територијална противпожарна единица, со што во случај на пожар нема да бидат оставени на цедило.

Велат дека досега се снаоѓале како знаат и умеат. При избивање на пожар, се организираат сами за да си помогнат, или викаат пожарникари од Берово.

„Тоа не е во ред, но секаде во Македонија видовме дека состојбата е лоша, нема доволно возила, нема доволно пожарникари“, вели Ивана Т. од Пехчево.

Но, тоа не е решение и е потребно да имаат противпожарна единица во својот град.

„Ние не можеме така лесно да гасиме пожари од големи размери како што имавме сега и затоа треба да имаме и обучени доброволци, најмалку 100, и не само во Пехчево, туку и во Берово и во другите општини. Кога дојдоа Словенците, нашите луѓе овде беа фасцинирани од нив. Тие ни покажаа дека она што било добро од пред 30 години, од времето на Југославија тие го задржале. Ние имавме млади луѓе, ама немаше кој да командува со нив. Ние не можеме да се занесуваме и да се споредуваме со Словенија, Франција, Италија, знаеме какви буџети имаат тие земји, но барем да имаме возила, не мора да се најскапи, нека се скромни, но да има кој да ракува со нив и да бидат функционални. Нема оправдување што сме без пожарна, но тоа не е грешка на една институција, тоа е грешка на целиот систем“, вели повозрасен жител на Пехчево.

Во државата дел од руралните средини како што е Старо Нагоричане си имаат своја противпожарна единица, истото е и со Општина Ранковце, каде функционираат со свои возила и 9 релативно млади пожарникари, а други општини како што е примерот со Конче имаат доброволни противпожарни друштва.

Амбасадата на Швајцарија и Швајцарската агенција за развој и соработка, во јули годинава за територијалната противпожарна единица на Општина Берово и подружниците на ЈП Национални шуми Берово и Пехчево, донираа четири нови противпожарни возила. Од Владата и општината не добивме договор дали ќе преземат нешто за да овој град добие ТППЕ.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести