Пазар во Идризово: мобилен со интернет-600 евра, мобилен без интернет туку само за јавување-200 евра
Мобилен телефон со интернет стар неколку години чини 600-700 евра, мобилен без интернет само за да се јавиш, чини околу 200 евра, телевизор 32 инчи 500-600 евра, душек половен чини 1.000 денари, мал замрзнувач пак, чини 200 евра… ова се дел од цените во затворот Идризово за забранетите работи до кои доаѓаат затворениците.
Недоволната кадровска екипираност на затворските службеници, нивната необученост и лошиот материјално-финансиски статус, непрофесионалноста изразена преку прекумерна употреба на сила и појавите на корупција се дел од причините за нехуман и несоодветен третман на осудени лица, според Извештајот во сенка за Поглавје 23 за периодот мај 2016-јануари 2018, изработен од Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ и Институтот за европска политика.
И Стејт департментот во својот извештајот за човековите права за земјава меѓу другото како најкритично го нотираше прашањето за тортура од затворските чувари.
Експертите велат во македонските затвори не владејат законите на Македонија, туку затворски закони, а корупцијата која не само што е незаконска, туку ги повредува и човековите права на затворениците во казнено поправните домови во земјава.
Во обид да дознаеме повеќе зошто постои корупцијата во затворите, новинарска екипа на МИА во втората сторија посветена на условите во кои функцонираат македонските затвори разговараше со затворската полиција и затворениците во Идризово и Шутка,при што добивме речиси идентични искази, пишува Слободен печат.
Од она што можевеме да забележиме е дека нискиот економски стандард, старите и дотраени униформи, недостигот на кадар, невреднувањето на ризикот со кој се соочуваат полицајците во затворот, се дел од причините за коруптивниот систем кој владее во казнено-поправните установи. Секако тука се испреплетува и криминогената структура на самите осуденици, за чие менување најважен е апскетот на нивната ресоцијализација.
