Павлоски бара оставка од Спасовски, а СДСМ порачува дека нема веќе МВРО-ВМРО
Сашо Павлоски од ВМРО-ДПМНЕ вели дека министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, најмалку што може да стори во случај кога од него раководената полиција пука во деца е да си даде оставка од морални причини.
„Едно 16 годишно момче се уште се наоѓа на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување каде се бори за живот, а второ 17 годишно момче закрепнува од хируршката интервенција во струмичката болница. Двете момчиња се жртви на бруталното и непрофесионално однесување на струмичката полиција. Во децата пукаше струмичката полиција која ја води началникот Танчо Пројковски, кадар на Оливер Спасовски. Без раководно искуство, без соодветно образование Пројковски е поставен само за да дели решенија и да ја партизира полицијата. Затоа е хаосот. Затоа се доведени во опасност човечките животи“- вели Павлоски.Павлоски додава дека трет ден поминува без трага и глас од министерот Спасовски.
СДСМ ја обвинува ВМРО-ДПМНЕ дека 11 години го партизирала Министерството за внатрешни работи, го претворила во МВРО-ВМРО, се обидувала да сокрие убиства и ја злоупотребувала полицијата во пресметките со неистомислениците.
„ВМРО-ДПМНЕ не може да се помири со фактот што повеќе нема МВРО-ВМРО, што повеќе нема прикривање и бегање од одговорност. Напротив, МВР денес работи професионално, отчетно и ефикасно и секој кој постапувал незаконски ќе понесе одговорност без разлика на неговата етничка, религиска, партиска или каква било друга припадност, што се докажа и со експресното расветлување на случајот во Струмица“- велат од СДСМ.
Владата предводена од СДСМ почна процес на професионализација и ослободување на МВР и на другите државни институции, со што тие стануваат вистински независен и професионален сервис на граѓаните, додаваат од партијата.
