Павле Богоевски: После на „непријателот“ ќе му препишат дека не добиле премиер Албанец
Поранешниот пратеник Павле Богоевски во својот статус на „Фејсбук“ смета дека ДУИ ќе ја зголеми националистичко-популистичката реторика и дополнително ќе го одржува своето членство откако нема да им биде прифатена идејата на чело на владата да биде поставен прв премиер Албанец на Македонија.
„Ова е тоа ефтино националистичко и популистичко политиканство, друштво. Прво ќе го наполнат гласачкото тело со националистичка реторика која немаат ниту шанса, а ниту намера да ја реализираат - потоа глумат разумни и зрели политичари повикувајќи на смиреност и дијалог.
Тоа што останува како последица не е само горкиот вкус кај сите кои следат од страна, туку и многу реална празнина и разочараност кај населението кое го оставиле да очекува работи кои никогаш нема да се случат. Ова чуство, повторно преку популистичка реторика ќе му се препише на "непријателот", па потоа ќе се ветуваат уште поголеми и порадикални работи - во зависност од потребите на некоја идна изборна ќампања.
И така, се' во еден голем круг на креирање омраза. Повторно и повторно“, објави поранешниот водач на Шарената револуција.
Богоевски во својот коментар ова му го упати на вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, кој засега се противи на идејата дека СДСМ како партија со најмногу освоени гласови треба да го добие мандатот за составување на Влада.
