ПАВЕЛ ЧЕТИРИ ПАТИ СЕ ВРАЌАЛ ДА СПАСУВА ЛУЃЕ ОД „ПУЛС“: За жал, четвртиот му бил последен
Валентина Христовска е мајка на две деца кои ноќта минатата сабота биле во дискотеката пулс. Павел го загубил животот, кога по неколку обиди да спасува луѓе кои останале внатре, почувствувал последица од вдишаниот чад.
Неговата мајка за Нетпрес раскажа дека тој по четвртото влегување во дискотеката за да спаси што е можно повеќе заробени во дискотеката, почнал да се гуши.
Ќерката на Валентина, Марија е на лекување во Шпанија. Таа е една од повредените.Семејството со нетрпение го чека нејзиното враќање.
-Болката што ја чувствувам како родител е голема, како и кај сите други родители, бидејќи тие деца си имаа избрано пат. Некои се имаа определно да учат за доктори, други за инженери, трети да се посветат на занает, и сите си ја сакаа Македонија. Поради нечии пропусти останавме без децата, без нашите ангели. Тие ни беа светлост и надеж. Се прашувам Гоподи, зошто ги земаш добрите?, вели Христовска.
Таа вечер требала да биде за опуштање, а утредента, според сведоштвото на Христовска, требало да заминат за Скопје за да купат венчален фустан за ќерката. Но, како што вели Валентина, пропустите на системот и алчноста за пари зацрнија 60 фамилии.
Таа апелира што побргу нештата да почнат да се менуваат за да не се уништуваат мечтите на младите, но и на родителите кои ги воспитувале да бидат чесни и хумани.
-Не знаеше да одмине човек, ќе го поздравеше и ќе прашаше како е. Секогаш ќе дојдеше дома ќе ме поздравеше и ќе ме бакнеше, исто како и неговата сестричка, така знаев дека сум воспитала добри деца, истакнува Христовска.
