Патот Штип - Велес во прекин, едно лице загина, а тинејџер е тешко повреден
Едно лице загина, а 18-годишно момче е тешко повредено е епилогот од сообраќајката што се случил денеска околу 14 часот на експресниот пат Штип – Велес, кај крстосницата за селото Иванковци, по што сообраќајот беше ставен во прекин заради увид.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, во несреќата учествувале две патнички возила, а увид на местото извршила екипа на СВР Штип, со присуство на противпожарна екипа од Велес.
Од Итната медицинска помош при Здравствениот дом Велес информираат дека биле повикани во 14:20 часот и за неколку минути пристигнале на местото на настанот.
„Кај едниот возач, повозрасен маж, констатиравме смрт на лице место. Вториот учесник, 18-годишно момче од Струмица, беше со повреди на карлицата, десното колено и главата, но беше свесен и контактибилен“, изјави д-р Елена Најдовска.
По укажаната прва помош, повреденото момче е пренесено во Ургентниот центар во Општата болница Велес.
Според Автомотосојузот на Македонија (АМСМ), сообраќајот на овој патен правец е во прекин во двата правца додека трае увидот.
