ПАТОТ ПРЕКУ ВОДНО КОН СОПИШТЕ СО ГОДИНИ „СЛЕП“: Институциите префрлаат топка
Иако со години е завршена неговата изградба, патот преку Водно за Сопиште, за чие пробивање пред десетина години се исече дел од шумата и покрај големите реакции на скопјани, сѐ уште не е пуштен во употреба, пишува Слободен печат.
Од страната на Водно, патот е заграден со купишта земја, импровизирана дрвена ограда и неколку автомобилски гуми за да се спречи движењето по него.
Последната најава за пуштање во употреба беше пред речиси три години, кога објаснувањето од Јавното претпријатие за државни патишта беше дека поради појава на свлечиште на патот, било потребно да се извршат измени во тек на градба. Поради тоа, претпријатието аплицирало до Министерството за транспорт и врски за измени во тек на градба. Оттаму тврдеа дека откако ќе се направат измените, ќе се изврши технички преглед и ќе се аплицира до Министерството за употребна дозвола.
Сега од ова ЈП велат дека при изградбата на регионалниот пат Р2138, врска со регионален пат Р2134, со населба Сончев Град, се појавила потреба за одредени измени и дополнувања на проектната документација, кои треба да бидат опфатени со изработка на нова проектна документација на ниво на инфраструктурен проект.Од Министерството за транспорт и врски нема одговор до каде е постапката, во каква состојба е патот, отстрането ли е свлечиштето, ниту за тоа дали се знае кога би можел да биде во функција, пишува Слободен печат.
Слично
