ПАТОТ КОН ТЕФЕРИЏ ИТНО ЗАТВОРЕН ЗА СООБРАЌАЈ: не е безбеден за сообраќај
Патниот правец кон Теферич од денеска е затворен за сообраќај, по извршен повторен увид на терен и стручни анализи, соопшти градоначалничката на Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.
Како што информираше таа, одлуката е донесена во координација со сите релевантни институции, по денешната контрола спроведена заедно со градоначалникот на Општина Сопиште, Јане Мицевски.
Како што соопштува, во тек се интензивни активности за изнаоѓање на најбрзото и најбезбедното техничко решение за трајна санација на оштетувањето на патот.
Надлежните апелираат до граѓаните доследно да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да ги користат алтернативните патни правци сè до целосно отстранување на дефектот.
Од институциите уверуваат дека се преземаат сите неопходни мерки за што поскоро враќање на патниот правец во нормална функција.
