Патеката на Матка е блокирана поради сериозна опасност од одрони
Блокирана е патеката на Матка поради сериозна опасност од одрони.
Од вчера стапи на сила целосна забрана за движење по планинарската и пешачката патека кон кањонот Матка. Причината е високиот ризик и сериозната опасност од уривање на карпи и одрони кои можат да ги загрозат животите на посетителите.
По одлука на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Општина Сарај информира дека постои ризик од паѓање камења и ги повика посетителите строго да ги почитуваат поставените знаци и насоки.
Од ДЗС соопштија дека на ризичните локации се поставени табли со јасни ознаки за можен одрон. Во однос на дополнителните мерки, од институцијата посочуваат дека Општина Сарај, како локална самоуправа на чија територија се наоѓа кањонот, треба да преземе соодветни активности и доколку е потребно да побара поддршка од Град Скопје и од Владата.
Кањонот Матка, сместен во југозападниот дел од Скопската Котлина, по долниот тек на реката Треска, се простира на површина од 6.576 хектари и е прогласен за споменик на природата од 1994 година.foto Wikipedia/kallerna
