Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПАСИЈА ЗА СОБИРАЊЕ ЧЕСТИТKИ: Зоран Кардула поседува огромна бројка од различни епохи

ПАСИЈА ЗА СОБИРАЊЕ ЧЕСТИТKИ: Зоран Кардула поседува огромна бројка од различни епохи

Импресивна е бројката на честитки која ја поседува Зоран Кардула од Крушево. Неговите предци ги собирале новогодишните честитки, а денес тој има околу 3.000 примероци кои датираат од различни временски периоди.  Кардула вели дека и денес собира честитки, но послабо од порано. 

„Сосема случајно почнав да ги собирам. Мојата тетка ги собирала за време на својот живот, а по нејзината смрт во нејзините работи ги најдов сите тие прекрасни честитки. Сите се со прекрасен дизајн кој потсетува на некои минати времиња и начинот кој се користел да се честита Новата година. Не знам точен број, но мислам дека приближно се 3.000 честитки. Сите тие ми се сместени во хасела од  почетокот на 20 век. Имаат многу различни дизајни и може од нив и да се види како се движел дизајнот на честитките низ годините“, вели Кардула. 

Собирањето на честитки во ова семејство траело со децении. 

„Мислам дека најстарите честитки ми се од средината на минатиот век. Искрено не сум ги класифицирал по години, што треба да го направам. Би било убаво некогаш кога ќе најдам време и да ги средам во некоја монографија која би го следела дизајнот на честитките низ годините. Убавината на честитките е дека будат убави чувства, сите се полни со убави желби и потсетуваат дека некој одвоил пари и време да ги пополни и испрати“, додава Кардула. 

Објаснува дека денес скоро и да не практикува да праќа честитки, но добива по неколку честитки за празниците. 

„По неколку честитки сè уште добивам. Знам и да си купам честитки, чисто да ги имам во колекцијата, но и јас како и сите други сè помалку испраќам, односно тоа го правам дигитално“, додава Кардула. 

Лани за празниците во Македонија, според податоците од пошти се испратени 115.058 честитки.

Традицијата на испраќање новогодишни и божиќни честитки влече корени од Англија. Се верува дека првата честитка ја насликал англискиот уметник Добсон во 1794 година. Сер Хенри Кол бил првиот што испратил таков поздрав, во далечната 1843 година. Малку подоцна е создадена првата линија на печатени честитки во тираж од илјада парчиња. До денес се зачувани само 12 од нив. Испраќањето честитки, во тоа време, било многу скапо. До почетокот на 19 век, практиката на испраќање честитки била воспоставена низ Западна Европа и во Америка. 

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести