Партијата на Села по бегството на осуденикот што го претепа: Толку од правната држава на СДСМ и ДУИ
Откако вчера беше обелоденето дека Никола Војминовски, првостепено осуден на 13 години затвор за претепувањето на Зијадин Села во Собранието на 27 април, избегал од куќен притвор и е недостапен за органите на редот, се огласи Алијанса за Албанците со реакција дека ова е уште еден пропуст на владеењето на СДСМ и ДУИ.
„Дека Македонија станува земја на чуда и дека тука има сé освен правда и владеење на правна држава, говори и бегањето на едниот од напаѓачите на лидерот на Алијансата за Албанците, Зиадин Села, осуден на 13 години затвор за убиство во обид, Никола Војминовски, кој иако осуден за тешко кривично дело му се дозволи да остане во домашен притвор, наводно поради здравствени причини, каде што државните институции и МВР потклекнуваат пред криминалците и корумпираните“, се огласи партијата на Села.
Од таму наведоа дека ваквите бегства заедно со Законот за амнестија ја уриваат правната држава и дека тие се координирани и поддржани од страна на власта СДСМ-ДУИ со помош на МВР и политизираните судови.
„По Законот за амнестија и бегството на Груевски, ја убиваат и последната надеж во Македонија дека некогаш ќе може да се врати правдата, и дека криминалот во Македонија не се санкционира, туку честопати се охрабрувана, па дури и се наградува. Оваа власт која дозволува бегство на криминалец осуден на 13 години затвор за убиство во обид, не може да ја заштити слободата на никого, бидејќи криминалот и корупцијата длабоко метастазирале во политичкиот менталитет на сите влади, па и на сегашната“, велат од партијата.
Алијансата за Албанците смета дека инстанците ќе се сметаат како соработници во криминалот и ќе сносат морална и кривична одговорност доколку продолжат ваквите удари за правдата.
Слично
