Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПАРТИЈАТА НА ПЕНЗИОНЕРИТЕ СЕ ПОДЕЛИ: Дел сакаат со СДСМ, дел со ВМРО-ДПМНЕ

ПАРТИЈАТА НА ПЕНЗИОНЕРИТЕ СЕ ПОДЕЛИ: Дел сакаат со СДСМ, дел со ВМРО-ДПМНЕ

Преписките по расколот во Партијата на пензионерите не престанува - по прес конференцијата во која дел од незадоволните членови побараа повторно да влезат во коалиција со опозициската СДСМ, од партијата испратија соопштение со потпис на претседателот на партијата и поранешен пратеник, Илија Николовски, во кое се наведува дека ќе продолжат активностите за коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.

„Изјавата од прес-конференција, дека одлуката на Извршниот одбор за отпочнување коалициска соработка со ВМРО-ДПМНЕ е неприфатлива, поради голем број критики, разочарување и револт меѓу членството, дефинитивно е многу произволна, паушална и неточна со оглед дека во изминатиот период немало никакви формални и неформални поплаки или изјави на револт и разочарување од членовите на партијата во било каква форма. Партијата на пензионери почитувајќи ја волјата на огромното мнозинство на своето членство и легитимно донесените одлуки на сите органи на партијата, останува на својот став и ќе продолжи со активности за пристапување кон коалицијата предводена од ВМРО - ДПМНЕ за претстојните локални избори“, стои во соопштението.

Во него се наведува и дека доколку некој одлучи спротивно, тоа ќе биде лична одлука, а не партиска. 

Вчера на прес конференција, дел од раководството на Партијата на пензионери на централно и локално ниво, заедно со членови и поддржувачи од повеќе општински организации, објавија дека на претстојните локални избори ќе продолжат со поддршка на досегашниот коалициски партнер, СДСМ.

„Со СДСМ делиме исти идеолошки вредности, имаме компатибилни програмски цели и пензиски политики, и соработуваме на принципиелни основи. Наш приоритет останува правично, стабилно и долгорочно остварување на интересите на пензионерите во земјата“, изјави потпретседателот на Партијата на пензионери, Миле Андоновски.

Според него, ова несогласување значи и поделба на партијата.

Слично

Поврзани вести