Партијата на пензионери го поздрави Законот за работно ангажирање на пензионерите и побара да биде уште полиберален
Партијата на пензионери го поздрави Законот за работно ангажирање на пензионерите и почетокот на неговата примена од 1 јануари, а од таму додаваат и дека треба да биде уште послободен и пензионерите без никакви рестрикции да продолжат да работат.
- Партијата на пензионери го поздравува донесувањето на Законот за работно ангажирање на пензионери, особено што Партијата на пензионери преку својот пратеник Илија Николовски, досега двапати во Парламентот предлагаше донесување на сличен Закон, но за жал не беше прифатен од претходниот Парламент.
Токму затоа овој чин го гледаме како револуционерен. Но, во исто време Партијата на пензионери има забелешки за недостатоците на овој Закон, како што се:
- ПП не гледа потреба од ограничување на Законот, од причина што сите способни пензионери би сакале да работат подолг период од законски предвидениот. Правото на работа е уставно загарантирано и не треба да влијае на пензијата која е економска категорија и законски загарантирана.
- Овој закон треба да важи за сите даватели на услуги, а не само за одредени области, освен во државната администрација,
- Со проширување на дејностите без ограничување на 15 денови во месецот ќе се овозможи поголемо ангажирање на пензионерите и намалување на социјалните разлики, реагираат од партијата.
Тие ја охрабруваат Владата и Собранието што е можно побрзо да донесат, како што велат, измени и дополнувања на споменатиот Закон со што ќе се придонесе за намалување на работата на црно и сивата економија, а истовремено би имало поголем прилив на финансиски средства во пензискиот фонд.
- Во таа насока Партијата на пензионери предлага да се искористат позитивните искуства од регионот и ЕУ со прилагодување на овој Закон со соодветните модели, додаваат од таму.
