ПАРТИЈАТА НА АПАСИЕВ БАРА ДОНАЦИИ ЗА КАМПАЊАТА: „Ние не сме купени од олигархијата“
Откако завршија изборите, партијата чиј претседател е Димитар Апасиев, „Левица“, бара донации од граѓаните за да ги покрие трошоците од изборната кампања.
Барањето за донација го сподели Апасиев на неговиот фејсбук профил, со образложение дека не биле купени од олигархијата.
На интернет страната на партијата наведено е зошто им се потребни парите.
„Ние сме Партија која не дозволува идеалите и принципите да бидат условени од валканите пари на транзициските богаташи, корумпираните политичари и интересите на разни лоби групи. Во нашата партија се кали новата генерација на Македонија, која стравот и безнадежноста го заменуваат со храброст и решителност во Борбата за подобра иднина. Не е важно колку можеш да одвоиш од себе, важно е да покажеш дека си застанал во борбените редови против непријателите на Татковината, против корумпираната политичка елита. Донирај онолку колку што можеш! Важно е да се обединиме во жедта за правда и воскликот за слобода и со посветеност и ентузијазам повторно да ја воздигнеме Републиката. Најдобите денови се оние кои сѐ уште не сме ги доживеале, а ќе ги создадеме и дочекаме сплотени заедно!“ се вели на страната на Левица.
