Партијата на Аднан Ќахил бара да си оди од Влада
Раздорот помеѓу Партијата за движење на Турците во Македонија (ТХП) и министерот без ресор за привлекување странски инвестиции Аднан Ќахил кулминираше.
Неговата матична партија побара од Владата и премиерот Зоран Заев да го разрешат бизнисменот, кој има широка мрежа на контакти и важи за добар пријател на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Партијата за движење на Турците во Македонија (ТХП) потврди дека Ќахил веќе е исклучен како нејзин член.
„Ваквата одлука е природен епилог кој произлегува од неприципиелното дејствување на Ќахил, кој не само што ги отфрла програмските одредби и статутот на ТХП туку и со својот неетички и недемократски пристап го нарушува угледот на партијата и етничката заедница што ја претставува. Статутот и вредностите на ТХП наложуваат исклучување на секој член кој ќе работи спротивно од интересите на партијата“, велат од партијата.
Не се познати конкретните мотиви за исклучувањето, но најверојатно се работи за борба за влијание во самиот партиски врв.
ТХП е коалиционен партнер на СДСМ.
