Партенерска соработка во иднина: Меморандум меѓу Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Организацијата на работодавачи
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, застапуван од ректорот проф. д-р Никола Јанкуловски, и Организацијата на работодавачи на Македонија, застапувана од претседателката д-р Владанка Трајкоска, во просториите на УКИМ потпишаа Меморандум за соработка.
„Со овој Меморандум за соработка, договорните страни се стремат да го уредат својот меѓусебен однос и да ја предвидат својата долгорочна соработка и меѓусебна поддршка во понатамошните активности преку имплементирање на заеднички проекти со цел да се задоволат потребите од високостручен кадар во сите сегменти на приватниот и јавниот сектор, континуирано приспособувајќи се на динамичните промени во овој домен, како и зголемување на интересот на приватниот сектор за дипломците на Универзитетот, соопштија од Универзитетот
Со потпишувањето на овој Меморандум, договорните страни ја изразија подготвеноста за предметната соработка, врз основа на заемна доверба и разбирање и се согласни соработката да ја темелат врз начелата и постапките, предвидени со овој Меморандум.

Во согласност со овој Меморандум, ќе се изгради долготрајна партнерска соработка помеѓу договорните страни, а соработката ќе се однесува на следното:
- реализација на практикантска обука на студенти за времетраење на студиите;
- анализи за потребите од профили на кадри на пазарот на трудот;
- реализација на заеднички проекти и вклучување на претставници на бизнис-заедницата во процесите на осовременување на студиските програми и креирање нови студиски програми во согласност со потребите на пазарот на трудот;
- развој на форми на доквалификација и преквалификација за потребите на бизнис-секторот;
- заедничко учество и признавање на добиените крајни вредности од: работилници, стручни семинари, конференции, трибини, форумски дебати и обуки;
- помагање преку специјализиран тренинг и едукација во областите на: здравство, образование, право, финансии, банкарство, менаџмент, претприемаштво, ИТ, нови технологии и др.;
- заедничка партиципација во проекти финансирани од земјите членки на Европската Унија, како и користењето на останатите меѓународни фондови за развој на земјите од Западен Балкан;
- создавање, во континуитет, на креативна интелигенција која ќе биде водич или стимулатор за секој поединец во функција на креирање на успех.
Слично
