Пармелан во Скопје: Прва официјална посета на швајцарски претседател на Македонија
Со највисоки државни и воени почести денеска во Скопје започна официјалната посета на претседателот на Швајцарската Конфедерација, Ги Пармелан, кој престојува во земјава на покана на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Ова е прва официјална посета на швајцарски претседател на Македонија, што двете страни ја оценуваат како важен чекор во развојот на билатералните односи.
Пармелан беше пречекан од претседателката Сиљановска-Давкова, по што двајцата одржаа тет-а-тет средба, а потоа следеше и пленарен состанок на македонската и на швајцарската делегација. Во фокусот на разговорите беа севкупните билатерални односи, економската соработка, евроинтеграцискиот процес на Македонија и состојбите во регионот на Западен Балкан.
Од Кабинетот на претседателката соопштија дека тридецениската соработка меѓу двете држави била оценета како пријателска и плодна. Сиљановска-Давкова изразила благодарност за швајцарската поддршка за македонските евроинтеграции, како и за помошта во области како владеење на правото, демократски институции, зелена енергија и заштита на природните ресурси, особено водата.
Според најавената програма, во рамки на посетата е предвидена и заедничка прес-конференција на двајцата претседатели, а Пармелан ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје. Швајцарскиот претседател треба да оствари средби и со премиерот Христијан Мицкоски, со членови на Владата и со претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Швајцарската влада во најавата за посетата посочи дека односите со Македонија се многу добри, а како важни елементи ги издвојува програмата за соработка и големата македонска дијаспора во Швајцарија, која брои над 100.000 луѓе. Во економските односи, според Берн, има дополнителен потенцијал, особено во дигитализацијата и технологијата.
