„Паркобраните“ против урбанизација на Водно
Против нови гради и уништување на зеленилото на Водно протестираа граѓанските активисти од иницијативата „Паркобрани“, кои се собраа претпладнево пред Општина Кисела Вода.
Советот на општината денеска расправа за изработка на урбанистички план за населеното место Припор, во скратена постапка, а во него се предвидува и дополнителна урбанизација на Водно.
„Власта немилосрдно продолжува со масовното уништување на зеленилото во Скопје. Лудилото продолжува, овој пат со уништувањето на белите дробови на Кисела Вода. Во програмата за урбано планирање што градоначалничката Билјана Беличанец - Алексиќ им ја предлага на советниците, се предвидува парк-шумата Водно која е во рамките на општината Кисела Вода да се урбанизира без претходно спроведена дебата и без мислењето на граѓаните. Сакаме да предупредиме дека со оваа урбанизација власта наместо да работи во служба на граѓаните, работи исклучиво за своите теснопартиски интереси “, вели Александар Гочев, претставник на иницијативата.
Граѓанските активисти побараа точката да се симне од дневен ред, а од опозицијата да ја напушти седницата на Советот.
Граѓанската иницијатива „Паркобрани“ се појави минатата година, за одбрана на паркот пред хотелот „Бристол“. Дел од активистите на оваа иницијатива тогаш беа уапсени, а деновиве добиле и решенија за парични казни од 50 евра за нарушување на јавниот ред и мир.
Слично
