Економија, финансии, бизнис

Контакт

Парите се сигурни, за три години ќе има автопат до Охрид и Штип

Парите се сигурни, за три години ќе има автопат до Охрид и Штип
Кинескиот кредитот тежок 574 милиони евра е сигурен, автопатот Миладиновци -Штип и Кичево - Охрид ќе се гради, вели министерот за финансии Зоран Ставрески. Тој информира дека преговорите со кинеските власти и банката „Ексим“ се при крај, а државата гарантира за кредитот. „Од ЕКСИМ банката од Кина добивме потврда дека го поминале таму филтерот и оти исто така нивното Министерство за трговија, кое што е надлежно, ги одобрило проектите. Сега стручните екипи на Министерството за финансии и од ЕКСИМ банката го усогласуваат финалниот текст на договорот, што значи дека многу брзо, во текот на овој месец, ќе бидат завршени и пуштени во владина процедура, по што следи собраниската процедура за донесување на законите за гаранција затоа што во случајот позајмувач ќе биде Јавното претпријатие за патишта, а Владата ќе ја издаде гаранцијата“, рече Ставрески. Аплицирањето на Владата за поволните кредити што ги одобрува кинеската Влада и ЕКСИМ банката, посочи, е направено врз основа на студии за тоа колку ќе чинат и за нивна изводливост. Тој вели дека согласно направените проекти, парите од кина треба да се доволни за градба на двата автопати со вкупна должина од околу 100 километри. „Со изградбата на двата клучни автопати, Скопје - Штип и Кичево - Охрид значително ќе се подобри патната инфраструктура во Македонија, ќе се подобри конкурентноста на економијата, а на краток рок ќе се зголемат градежната и останатите активности, “ смета Ставрески. Според планот, почетокот на изградбата се очекува пролетва, а патиштата треба да бидат пуштени во употреба за три години.
Слично

Поврзани вести