Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПАРИТЕ СЕ ПОМАЛИ, РОКОТ Е ПОГОЛЕМ, АМА И КАМАТАТА Е ПОВИСОКА - издадена е уште една домашна државна обврзница, еве ги деталите

ПАРИТЕ СЕ ПОМАЛИ, РОКОТ Е ПОГОЛЕМ, АМА И КАМАТАТА Е ПОВИСОКА - издадена е уште една домашна државна обврзница, еве ги деталите

Во втората недела од новава година, се случи уште едно државно задолжување на домашниот пазар. Тоа следува откако на втори јануари годинава државата издаде две домашни државни обврзници и тоа на прилично голема вкупна сума, од 189 милиони евра.

Новото задолжување кое се случило на 11 јануари е на далеку помала сума од пртетходните две, односно изнесува 17,44 милиони евра.

Разлика има и во тоа што претходните две обврзници беа краткорочни, односно со многу покус период на достасување, додека, пак, најновата е 15 годишна државна обврзница, што е највообичаен рок на достасување на кој власта ги издава хартиите од вредност на домашниот пазар.

Новата државна обврзница од вчера почна да котира и на Македонската берза за хартии од вредност. Станува збор за државни обврзници без девизна клаузула, со датум на достасување 11 јануари 2039 година. Тоа значи дека овие пари ќе треба да се вратат заклучно со тој датум.

Она што треба да се спомене е висината на каматната стапка. Имено, за оваа сума како држава ќе платиме годишна камата од 6 отсто. Таа е повисока од камтните стапки по кои претходната недела се издадоа двете краткорочните државни обврзници, односно 4,55 и 4,65 отсто, а е повисока и од каматата по која државата во декември издаде 15 годишна државна обврзница, а која изнесуваше 5,9 отсто. Сепак, досега имало и во неколку наврати издадени домашни државни обврзници со повисока камата, односно 6,15 проценти.  

Инаку, за потсетување, пред една недела државата издаде две домашни државни обврзници, едната на 71 милиони евра, а другата на 118 милиони. Првата обврзница беше без девизна клаузула, на сума од 71,2 милиони евра, а парите државата ќе треба да ги врати на 2 јануари 2026 година, што значи дека стануваше збор за двегодишна обврзница. За неа ќе платиме како држава годишна каматна стапка од 4,55 отсто. И втората обврзница е без девизна клаузула, но таа беше на многу поголем износ, односно 117,8 милиони евра. Таа ќе треба да се врати после три години, во јануари 2027 година, а нејзината камата, поради повисоката рочност, е повисока, и изнесува 4,65 проценти. Зошто толку многу пари и требале на државата толку итно да се задолжува кај домашните кредитори а годината само што почнала, не е познато. Она што е извесно е дека утредента требало по основ на стари долгови кон домашните кредитори, да биде вратена сума од 39,3 милиони евра. Тоа се значајни средства, но е далеку од 189 милиони евра. 

Во февруари лани државата издаде еврообврзница на износ од 600 милиони евра. Министерот за финансии Фатмир Бесими тогаш изјави дека стратегијата што ја примениле при издавањето на деветтата еврообврзница била со цел државата да обезбеди средства само за покривање на еврообврзницата издадена во 2016 година и обврските што доспеваат за отплата на долгови во 2023 година, и тоа да биде со понизок трошок за Буџетот, со оглед дека се издаде еврообврзница со рок на доспевање од четири наместо седум години. Каматната стапка беше 6,25 проценти.

На крајот на 2023 година, пак, државата издаде домашна 15 годишна државна обврзница, и тоа на сума од близу 22 милиони евра, со каматна стапка од 5,9 отсто на годишно ниво. 

Н.Н.Ф.

Слично

Поврзани вести