ПАРИТЕ НАЈДЕНИ ВО ЅИД БИЛЕ НА НЕГОВИТЕ РОДИТЕЛИ: Мајката и таткото на судијата Ристов тврдат дека тоа е нивни лични средства
Родителите на судијата Ѓоко Ристов, тврдат дека 350-те илјади евра пронајдени закопани во ѕид, биле нивни лични средства.
Ова го посочи одбраната на осомничениот судија, кој од вчера се наоѓа во куќен притвор.
Неговиот адвокат Звонко Давидовиќ, вели дека тој факт сериозно ја доведува во прашање основаноста на обвинението.
„350 илјади евра беа најдени кај неговите родители, кои во записникот изјавиле дека станува збор за нивни лични средства“, изјави Давидовиќ.
Давидовиќ оценува дека и самата правна квалификација на делото е проблематична. Тој посочува дека одредбата од Кривичниот законик на која се повикува Обвинителството се однесува исклучиво на одговорни или службени лица во јавни установи, јавни претпријатија или органи кои управуваат со државен имот, а судството, според него, не спаѓа во таа категорија.
„Истата правна логика не може да се примени ниту на судии, ниту на обвинители, што отвора сериозна дилема околу примената на кривичното дело“, нагласува Давидовиќ.
Според одбраната, овие околности ја доведуваат во прашање законитоста и основаноста на истрагата, а судската постапка ќе продолжи со оспорување на обвинителните наводи пред надлежните институции.
