ПАРИЧНИ КАЗНИ ОД 1.550 ЕВРА ЗА ЧЕТИРИ ДОМОВИ ЗА СТАРИ ЛИЦА: АХВ со вонредни контроли, еве што открија
Четири домови за стари лица се казнети со парична казна од 1.550 евра за прекршоци, кај еден од домовите е најдена и уништена 6 килограми небезбедна храна, а откриен е и дом за стари лица кој не бил регистриран како оператор за храна за што добил времена забрана за работа.
Ова се дел од казните кои Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги изрекла откако инспекциските служи во самата агенција од почетокот на месецов спровеле 39 вонредни инспекциски контроли во домови за стари лица во земјава.
- Со контролите утврдено е дека само еден не бил регистриран како оператор со храна во АХВ за што му е изречена времена забрана за работа, глоба и даден е налог за негова регистрација во Агенцијата.
Еден оператор со храна не ги задоволувал хигиенските барања за безбедност на храната, а 4 од контролираните домови за стари лица немале спроведено задолжителен задравствен преглед за вработените лица - посочуваат од АХВ.
Потоа додаваат дека за утврдените недоследности кои се однесувале и на нередовно водење на записи за Добра хигиенска и Добра производствена пракса, недоставување на увид сертификати за спроведени обуки од областа на хигиената на храна, евиденција за набавки, доцнење со спроведување на задолжителни мерки за дезинфекција, дезинсекција и дератизација и други помали недоследности, издадени се и три решенија со наредби за нивно отстранување и две опомени.
- За сторени прекршоци од поголем обем изречени се глоби во вредност од 1.550 евра во денарска противвредност за 4 оператори, а само од еден контролиран оператор, нештетно се уништени 6 килограми небезбедна храна.
При спроведените вонредни инспекциски надзори кај истата категорија оператори во ноември 2024 година, 14 не беа регистрирани како оператори со храна во АХВ, а нештетно уништени беа 40 килограми небезбедна храна.
Издадени беа 16 решенија со наредби за отстранување на утврдени недоследности, а парични казни изречени беа на 18 домови за стари лица - потенцираат од АХВ.
Фото: Архива
