Економија, финансии, бизнис

Контакт

Пари за бегство нема, Ќосето бара куќен притвор

Пари за бегство нема, Ќосето бара куќен притвор

Велешанецот Горан Ангеловски Ќосето го нуди пасошот за да излезе од притвор.

Откако помина повеќе од една година во притвор, обвинетиот Ангеловски денес на јавна седница во Апелацискиот суд во Скопје, побара да му се укине мерката притвор и таа да му биде заменета со поблага мерка.

Тој е во притвор за настаните од 27 април лани во Собранието,  и според Кривичниот совет, мерката е определена поради опасност од бегство. Адвокатот Драган Пешевски пред второстепениот суд на јавната седница рече дека опасноста од бегство не постои, а на судиите им ја понуди и патната исправа на обвинетиот. Кажа дека Ангеловски нема финансии за да побегне од Македонија, ниту  има намера да го напушти семејството, бидејќи е татко на три деца. Според него, сите обвинети треба да имаат ист третман, а не едни да бидат во притвор, а други ослободени. Адвокатот изјави дека не бараат обвинетиот Ангеловски да се брани од слобода, туку би биле задоволни и со мерка куќен притвор. Вели дека обвинетиот само влегол во Собранието и не преземал никакви дејствија на „крвавиот четврток“. 

На апелациските судии им укажа дека не е во ред за иста постапка едни обвинети да се бранат од слобода, на други да им бидат определени само мерки, а за дел да има најстрога мерка, односно притвор.

Второстепениот суд има рок од 48 часа да донесе одлука дали ќе му дозволи на обвинетиот Ангеловски да се брани за настаните од 27 април со друга мерка.  

Инаку, со сослушување на сведоците на обвинетата Елена Доцевска Божиновска продолжи денешното рочиште во Кривичен суд за настаните од 27 април минатата година во Собранието на Република Македонија.

За „крвавиот четврток“, обвинети се 30 лица. 

Слично

Поврзани вести