Во судот одекнаа снимките од Камчев за случајот Рекет
Снимките кои со камера ги снимал бизнисменот Орце Камчев се прикажуваа на денешното рочиште за Рекет.
Во првата снимка, во разговор меѓу Камчев, Бојан Јовановски и Ана Камчева, можеше да се слушне како Боки 13 во детали ги објаснува чекорите по кои ќе постапи СЈО во врска со случајот Империја, во кој всушност Камчев беше осомничен.
Боки 13 вели дека во понеделник ќе ги ослободат, или најдоцна веројатно во вторник, дека ќе ги ослободи Врховен суд. Потоа Камчев вели дека не може да дојде до Врховен до понеделник, а Боки 13 вели дека ќе дојде и СЈО нема да употреби вонредни правни лекови. Откако Камчев прашува за Апелација, Јовановски вели дека Апелација ќе ги одбие. „Вие се жалите во Апелација, да бидете спремни. Во Врховен се жалите, како втор степен. Начелното правно лице и советот се повикува автоматски. Нема да употреби Катица никакви вонредни правни лекови да го прудужува, да го одолговлекува. Во понеделник или вторник, вие сте на слобода“, вели Јовановски.
Откако се слушна снимката Јовановски рече дека таа не треба да се земе како доказ, бидејќи, како што нагласи, води приватен разговор, а таа е стекната незаконски. Се надоврза адвокатот на Боки 13, Сашо Дуковски, кој рече дека недостасува датум и време.
На друга снимка се слуша гласот на Камчев кој бара Боки 13 да му каже каков му е планот, велејќи дека сака сите да бидат среќни и задоволни, па за да може и тој да испланира - дали ќе биде февруари или март. .
„Овие три лица со кои што јас договарам, преговарам и ќе се договорам или нема да се договорам. Доколку продолжи СЈО да го работи предметот првата ставка ќе биде укинување на мерката куќен притвор по основи кои што ќе ви ги кажам и датум на којшто ќе ви го кажам. Истиот момент или една недела или 10 дена подоцна со некакви договори со странски компании што тој ги има ќе биде вратен пасошот. Следниот чекор е или истиот момент, што не верувам лично, или подоцна ќе биде вратен пасошот“, вака Боки 13 му објаснува на Камчев кои се опциите.
Еден од разговорите покажува како Камчев како му вели на Боки 13 дека му ги спремил парите и му направил спецификација. Беше објавено видео на кое се гледа торбата “луј витон”, во која се еден милиони евра. Јовановски на ова рече дека тоа е груба монтажа.
Голем интерес предизвика снимката во која Бојан Јовановски на бизнисменот Камчев му вели „Орце, срце мое“, и додава „да ја почекаме Весна Димишкова што ќе направи, во случај да не одлучи ништо. Во четврток Тони ќе оди кај Катица за да има оправдување жената“ му вели Боки 13 на Камчев, и додава дека пасошот наскоро ќе му биде вратен.
Во една од снимките Катица Јанева вели дека се друго таа држи под контрола, но на тоа Јовановски и нагласува дека Камчев се плачи од Лиле, а бизнисменот одговара дека не се плаши. На ова женскиот глас вели „Многу сум ангажирана затоа не ја држам така редовно под контрола, инаку без мене она не може ништо“.
Познатата реплика на Јанева, каде вели „Не се грижи, се ќе биде ОК”, исто така се слушна во судницата.
На една од снимките, пак, се слуша гласот на Камчев кој вели „Кажи ти ова е толку, она волку. Кажи вака и вака треба. Јас и ти разговараме, не навлагам, ниту ме имтересира. Ти кажи ми што треба и сите да бидат среќни и задоволни. Јас сум директен“.
Боки 13 на ова вели дека и тој е директен, а негово си е што ќе прави. Тука Камчев е дециден.
Камчев на Боки 13 му се обраќа со шефе, а овој му зборува како во него стекнал голема доверба и поради тоа му кажувал работи само на Камчев.
