Пападимулис загрижен за Македонија - еве што му пиша Могерини
„Европската унија јасно ја покажува целосната и континуирана посветеност кон Македонија и регионот“- стои во писмото од шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини до европарламентарецот и заменик- претседател на Европскиот парламент, Димитрис Пападимулис.
Tој поднесе писмено прашање во врска со ситуацијата во Македонија.
Пападимулис на 4-ти мај напишал писмо во кое навел дека Македонија е поткопана од континуирана политичка нестабилност, со политички и меѓуетнички раздор кој се влошува. Могерини му одговорила на 27-ми јули.
Тој во писмото уште напоменал дека „се интензивира климата на политичко ривалство, постои континуирана несигурност во прашањето за формирање Влада, медиумите се обидуваат да се замолчат, независноста на судството е доведена во прашање, а насилството и судирите ескалираат“. Додал и дека ситуацијата во Македонија „ја влошува и националистичката и иредентистичка реторика на албанскиот премиер Еди Рама и политиката на Косово кои се обидуваат да го одвлечат вниманието на јавноста од вистинските проблеми на сиромаштијата и корупцијата“.
Според Пападимулис, сето ова го згарозува развојот на Западниот Балкан и европскиот пат.
Во писмото порачала дека присуството и посветеноста на ЕУ за земјите од Западен Балкан е од витално значење за мирот и стабилноста во регионот и неговото економско заздравување. Таа навела дека новата Влада направила позитивни чекори кон стабилизирање на односите со соседите.
