Пановски објаснува дека необјавувањето на резултатите за Гостивар може да има опасни последици за пациентите
Микробиологот Никола Пановски за случајот со труењата во Гостивар, предупреди дека доколку податоците важни за лекувањето не им се достапни на лекарите, последиците можат да бидат сериозни.
Пановски преку објава на социјалните мрежи опиша хипотетичка ситуација во која кај пациент постои сомневање за труење, но резултатите од направените анализи не се достапни за лекарите поради тековна истрага. Според него, доколку здравствените работници немаат информации за причинителот, може да биде отежнато навременото поставување дијагноза и изборот на терапија.

„Секоја сличност со Гостивар е намерна“, напиша Пановски, поврзувајќи ја својата реакција со актуелниот случај во кој голем број граѓани пријавија стомачни тегоби и побараа медицинска помош.
Пановски претходно посочи дека состојбата во Гостивар бара сериозен епидемиолошки пристап и навремена реакција од здравствените институции. Над 3.000 луѓе во градот побарале лекарска помош.
