Пандов ќе ги дига на клоци попишувачите, Милошоски ќе им бара вакцинална книшка
Отпорот на истакнати функционери на ВМРО-ДПМНЕ кон попишувањето продолжува со јавни декларации, откако Александар Пандов, претседателот на Патриотскиот институт на партијата, објави дека попишувачите ќе ги „избрка на клоци“, додека пратеникот Антонио Милошоски вели дека ќе ги прими, но само доколку покажат дека се вакцинирани, инаку нешто што не е задолжително според протоколот.
„Додека во Република Македонија пописот е термин кој означува попишување на секој Албанец во светот и е политичка операција во која со државни пари првенците на ДУИ шетаат по странство борејќи се за секој еден попишан Албанец, а за сите нас ,,останатите малцинства“ пописот означува статистичка операција за само резидентно население, кое е под закани од Заев и Апостол дека ќе биде кривично гонето со затворска казна од 5 години или останатите со казни од по 300 евра ако одбиваат да се попишат, еве ви кажувам, да не сум видел попишувачи кај мене пред врата. На клоци ќе ги дигнам!!!“, се закани Пандов.
За разлика од Пандов, најавите на Милошоски се условени, откако истовремено и двајцата ги објавија своите постови на Фејсбук.
„Како родител на 5 малолетни деца, како сопруг и човек кој според Закон за време на кризна состојба и епидемија е должен да го штити здравјето на најблиските, своето и здравјето на другите, нема да примам попишувач, доколку истиот не покаже книшка дека е вакциниран против Ковид19. Здравјето не може да се одложи, пописот може“, објави Милошоски.
