Пандев слета во Скопје: Немам планови за тренер, може ќе бидам спортски директор или менаџер
Капитенот Горан Пандев, селекторот Игор Ангеловски и останатите членови на македонската фудбалска репрезентација попладнево слетаа на скопскиот аеродорм откако нивниот настап на Европското првенство заврши.
Пандев и Ангеловски повеќе нема да го предводат националниот тим, а натпреварот со Холандија што се одигра вчера им беше последен за фудбалската селекција. Пандев на самиот аеродром, запрашан од новинарите, реле дека селекторот Ангеловски треба да го заврши квалификацискиот циклус за пласман на Светското првенство.
„Тоа треба да одлучат луѓето дали Ангеловски треба да продолжи. Некои портали веќе напишаа дека имаме нов селектор, нека им е со среќа со нивниот селектор, се надеваме дека ќе не однесе на Светско првенство. (Ангеловски) Требаше да го заврши овој циклус но знаеме кај нас како функционираат работите“, рече најискусниот македонски репрезентативец.
За понатамошната кариера, рече дека во моментов нема договор со ниту еден клуб и дека е можно следната сезона повеќе да не игра фудбал.
„Немам договор, прво ќе се одморам со фамилијата, па ќе видам дали ќе продолжам да играм фудбал. Немам амбиција да бидам тренер засега, би можел да бидам спортски директор или ќе работам со моите менаџери во Италија“, додаде Пандев.
