Пандев ја однесе Македонија на една голема завршница, но кои се најважните личности во неговата кариера?
Капитенот на македонската фудбалска репрезентација со своето лидерство на и надвор од теренот, како и со постигнувањето на единствениот гол во клучниот натпревар на гостувањето во Грузија, е најзаслужниот за пласманот на националниот тим на една голема завршница во својата историја. Македонија, најмногу благодарение на искусниот голгетер, следната година ќе игра на Европското првенство, но кои се клучните личности кои ја одбележаа кариерата на 37-годишникот?
Илија Матеничаров
Во 90-тите години како фудбалски тренер ја предводеше фудбалската школа на струмичка Беласица, од која покрај Пандев, произлегоа плејада талентирани фудбалери како Зоран Балдовалиев, Дени Масев, Ацо Стојков, Роберт Попов, Горан Мазнов и други.

Ванчо Таковски
Популарниот и контроверзен Бате Ване своевремено како претседател ја менаџираше Беласица кога Пандев беше тинејџер и неговото име за прв пат се слушна во првата македонска фудбалска лига, а клубот се бореше за титулата. Таковски не чекаше многу и веднаш ги одведе Пандев и Ацо Стојков во Милано, каде што склучи договор со Интер. Пандев веднаш започна да игра во младинската лига, а потоа и како позајмен играч во Специја, клубот-филијала на Интер. Таковски почина во 2013.
Пјерлуиџи Казираги
Овој човек е клучен за кариерата на Пандев затоа што како скаут го препозна неговиот талент. Славниот скаут на Интер кој во меѓувреме почина го препозна талентот на младиот Пандев со Беласица на младинскиот турнир Вијареџо Куп. Легендата на италијанскиот фудбал го препознаваше потенцијалот на младите фудбалери дури и на најзафрлените терени во светот, а во око му падна и македонскиот голгетер.

Клаудио Лотито
Во моментите кога се одлучуваше дали Пандев ќе стане Серија А-играч, Клаудио Лотито, претседателот на Лацио, реши да го откупи договорот на Пандев со Интер за 8 милиони евра. До тогаш Пандев не заигра за Интер туку беше само отстапен фудбалер на Анкона. Капитенот на македонската фудбалска репрезентација доби шанса и возврати со голови, а клубот од Рим играше и во Лигата на Шампионите.
Жозе Мурињо
„Специјалниот“ почувствува дека таа сезона Интер е пред историски успех, но и дека му е потребен офанзивец кој добро ќе ги следи неговите инструкции. Следуваше повик до Пандев, а овој побара раскин на договорот со Лацио. Тогаш следуваше заледување на односите со Лотито, кој му нареди на тренерот да не го пушта Пандев да игра, по што македонскиот интернационалец се обрати на суд. Доби раскин на договорот и како слободен играч му се придружи на Мурињо во Интер, а истата сезона беше освоена тројната круна. Во 2010 беа освоени Лигата на Шампионите, Серија А и италијанскиот куп.

Игор Ангеловски
Селекторот на македонската фудбалска репрезентација во 2015 го убеди најдобриот македонски фудбалер да се врати во А репрезентација по подолга апстиненција.

Популарниот Мрме во Џенова оствари средба со Пандев на која беше потврдено дека „Ил гранде Мачедоне“ повторно ќе биде предводник на нашата селекција. Пандев потоа беше повикан на двата контролни натпревари на 12. и 17. ноември.
Џан Пјеро Гасперини
Во 2015 Пандев не се пронајде во турскиот Галатасарај и се чинеше дека тоа е крај за надежите дека повторно ќе игра на високо ниво, но тогаш следуваше телефонски повик и понуда од Џан Пјеро Гасперини да се врати на „Чизмата“.
Искусниот фудбалер тогаш рече дека ја прифатил понудата од тренерот на Џенова без да се двоуми. Од тогаш па до денес ветеранот игра константно и ја одржува формата во овој клуб.
„Јас веќе го познавав Гасперини од претходно во Интер и знаев дека работи професионален начин. Кога разговарав со него на телефон и тој ме повика, му дадов збор и не сакав да знам за ниту една друга понуда“, рече тогаш Пандев.
