ПАНЧЕВСКИ СЕ ЖАЛИ ДЕКА Е ДИСКРИМИНИРАН: Уставен утре одлучува за негова заштита
Поранешниот претседател на скопскиот кривичен суд Владимир Панчевски ги бара своите права од Уставниот суд. Смета дека бил дискриминиран, во споредба со останатите претседатели на судови и носители на јавни функции. Поднел барање до судот во кое вели дека со пресудите на Основниот суд во Велес и Апелационеиот суд во Скопје, му биле повредени слободите и правата на човекот и граѓанинот, а кои се однесуваат на забраната за дискриминација по основ на социјалната припадност, општествена положба на професионалниот статус, како и по основ на политичката припадност – политичко уверување, пишува Телма.
Предметот е ставен на дневен ред на утрешната седница на Уставниот суд а се бара признание дека судовите, основниот и апелациониот прекршиле два члена од Уставот и два члена од Европската конвенција за заштита на човековите права.
Велешкиот суд пред две години го осуди Панчевски на 3 и пол годишна затворска казна за злоупотреба на АКМИС системот, за распределба на судски предмети. Следната година Апелациониот суд во Скопје ја намали затворската казна на Панчевски на 2 и пол години. Во февруари годинава Врховниот суд ги укина ваквите пресуди поради грешка во постапката, откако Панчевски помина само две недели во затворот во Шуто Оризари.
