Панчевски се пријавил на огласот за државен јавен обвинител
Поранешниот претседател на Основниот суд Скопје, Владимир Панчевски се пријавил на огласот за државен јавен обвинител, што го распиша Собранието.
„Во прилог до надлежните органи доставил целосна предлог-документација и докази за исполнување на општите услови утврдени во член 61 од Законот за Јавното обвинителство, како и докази за исполнување на посебните услови од член 62 став 1 алинеја 1 од овој закон“, се наведува во пријавата од Панчевски до Собранието.
Кандидатите мора да имаат непрекинат работен стаж од најмалку 10 години како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.Постапката за избор на нов државен јавен обвинител почна со огласот што го распиша Собранието на 12 месецов. Рокот за пријавување е 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник“.
Поранешниот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски во декември лани поднесе неотповиклива оставка на функцијата. До изборот на нов за вршител на должноста е избрана Анита Тополова-Исајловска, досегашен заменик-републички јавен обвинител.
