Панче Тошковски две недели без објаснување пред јавноста како завршија пет тони канабис во Србија
Две недели по заплената на пет тони канабис во Србија, јавноста сѐ уште нема јасен одговор дали и како толкаво количество од земјава завршило во соседството. Иако беа најавени проверки на компании за одгледување медицински канабис и дополнително беа запленети уште четириесет тони, конкретни информации за текот и резултатите од истрагата нема.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, досега не одржа прес-конференција, ниту брифинг за разјаснување на отворените прашања за случајот. Единствено имаше видео-обраќање од тајната локација, каде што медицинската марихуана се чува спакувана во кутии.
Но што откриле и дали имало какви било нерегуларности од Министерството за внатрешни работи нема објаснување, ниту за тоа како огромното количество марихуана ја минало границата и стигнало во Србија, во фирма во село кај Крушевац, во сопственост на пратеник од владејачката Српска напредна странка (СНС), која се занимавала со корнишони.
Откако беа откриени овие пет тони на 29 јануари, директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, нема излезено со официјални информации, а оттаму досега само рекоа дека во јавност ќе излезат кога ќе заврши истрагата.
Тошковски единствено досега во јавноста излезе кога гостуваше на 2 февруари во провладината емисија „Заспиј ако можеш“, но таму не беше запрашан да даде свои сознанија за оваа афера.Во моментов Тошковски е дел од делегацијата која учествува на Минхенската безбедносна конференција.
