Паметен сообраќај и строга контрола: Скопје со активна улога во „Сејф сити“
Воведуваме ред, безбедност и модерен сообраќај – Градот Скопје ќе има клучна улога во „Сејф сити“ системот. Одржавме значаен координативен состанок со министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, како и со експерти од областа на сообраќајот, посветен на финалните подготовки за официјалното пуштање во функција на „Сејф сити“ системот, објави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„Градот Скопје ќе има силна и активна улога во неговата имплементација, со цел воспоставување ред, дисциплина и значително повисоко ниво на безбедност за сите учесници во сообраќајот.
Ова претставува суштинска реформа во начинот на кој функционира сообраќајот во нашиот град. Наместо застарениот концепт на „зелен бран“ од минатото, воведуваме паметен зелен бран – модерен, адаптивен и иновативен систем кој во реално време ќе го регулира протокот на возила, ќе ги намали гужвите и ќе овозможи побрзо, поефикасно и побезбедно движење низ Скопје.
Во наредниот период, Советот на Град Скопје ќе донесе низа важни одлуки поврзани со сообраќајната дистрибуција, особено во централното градско подрачје. Овие мерки ќе донесат значително олеснување на сообраќајниот метеж, подобра организација и поголем комфор за граѓаните.
Дополнително, преку „Сејф сити“ системот ќе се стави крај на девијантното и неодговорно однесување кое со години наназад го нарушуваше јавниот ред и резултираше со уништување на урбаната опрема и јавниот простор. Контролата, превенцијата и брзата реакција ќе станат стандард.
Ова ќе значи побезбедни улици, почитување на правилата, заштита на јавниот имот и, пред сè, поголема сигурност за секој граѓанин. Скопје чекори кон модерен европски град со паметни решенија, јасни правила и одговорен сообраќај.
Воведуваме ред.
Ја зголемуваме безбедноста“, објави тој.
