Економија, финансии, бизнис

Контакт

Палмино масло наместо млечна масленост: Граѓаните ја губат довербата во декларациите

Палмино масло наместо млечна масленост: Граѓаните ја губат довербата во декларациите

По објавените резултати од анализите на Агенцијата за храна и ветеринарство, кај граѓаните расте недовербата во дел од млечните производи на пазарот. Причината не е само присуството на палмино масло во одредени производи, туку и сомнежот дека она што стои на декларацијата не секогаш одговара на реалниот состав.

Иако во дел од медиумите се објавија имиња на компании кои наводно биле меѓу казнетите, најголемиот револт кај граѓаните го предизвика фактот дека кај производи кои според декларацијата требало да имаат околу 20 проценти масленост, анализите покажале драстично пониски вредности.

За многумина, ова веќе не е само прашање на квалитет, туку прашање на доверба, контрола и одговорност кон потрошувачите.

Дополнително, голем број граѓани се револтирани од информациите дека кај некои млечни производи, наместо млечна масленост, било најдено палмино масло.

Доктор Ненад Лазаров е меѓу медицинските лица кои јавно реагираа на овој случај и своите ставови ги објави на социјалната мрежа Фејсбук, со што предизвика голема дискусија.

„Палминото масло не е канцерогено директно и само по себе, ајде да се едуцираме малку.

Бидејќи содржи значително повеќе заситени масти, автоматски е поштетно ако се пржи со него...

Измамата е проблем.

Не може и не смее да содржи палмино масло, а да се нарекува млечен производ, толку е едноставно и регулирано во ЕУ!

Една посебна димензија на проблемот со палминото масло е еколошката, се уништува огромна природа, односно тропски шуми, само поради цената на маслото.

Проблеми има триста други во случајов, најмал е канцерогеноста“ – нагласи тој.

Во коментарите под неговата објава, голем број граѓани се согласуваат дека најголемиот проблем во целиот случај е можната измама, односно фактот дека потрошувачите им веруваат на декларациите, а лабораториските анализи покажале нешто сосема друго.

Ако на тоа се додаде и зголемувањето на цените на млечните производи, како и фактот дека дел од луѓето купуваат вакви производи затоа што се на посебен режим на исхрана или сметаат дека на тој начин им даваат здрава храна на своите деца, револтот кај граѓаните станува уште појасен.

На социјалната мрежа X, дел од корисниците масовно повикуваат на бојкот на млечни производи, сè додека надлежните институции јавно не ги обелоденат имињата на компаниите кај кои биле утврдени неправилности.


Слично расположение покажа и анкетата што Женски Магазин ја направи на својата Инстаграм страница, во која ги повикавме нашите читатели да се изјаснат дали по објавените резултати ќе почнат да избегнуваат да купуваат млечни производи или не.

Околу 77 проценти, односно речиси три четвртини од анкетираните, одговорија дека по објавените резултати ќе почнат да избегнуваат да купуваат млечни производи.

Наспроти тоа, околу 23 проценти, односно нешто помалку од една четвртина, одговорија дека немаат намера да ги избегнуваат овие производи.

Иако станува збор за анкета на социјална мрежа, а не за репрезентативно истражување, резултатите јасно го покажуваат расположението кај дел од јавноста: довербата е сериозно нарушена, а граѓаните бараат транспарентност, одговорност и јасни информации за тоа што навистина купуваат.

Инаку, освен што АХВ спроведе анализа на млечните производи, наскоро се очекуваат и резултатите од месните продукти. 

Прочитајте и Треба ли граѓаните да ги знаат имињата на компаниите кои лажеле на декларациите за млечните производи?

РЖМ / Б. С. Б.

Слично

Поврзани вести